Врз основа на член 108 став (1) од Законот за основното образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 161/19), како и член 19 став 13 од Закон за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта и член 25 од Статутот на ООУ„ Кочо Рацин“ – Охрид, Училишниот одбор на седницата одржана на 07. 07.2023 година донесе
Е Т И Ч К И К О Д Е К С
на однесување на наставниците, стручните соработници,
учениците, родителите и други вработени во училиштето
Сите учесници во воспитно-образовниот процес треба да имаат јасна слика за својата положба и улога во училиштето, да ги знаат своите права и одговорности со цел да се подигнат меѓусебните односи на што повисоко ниво на соработка и почитување. Наставниците, стручните соработници, учениците, родителите и другите вработени треба да се стремат кон унапредување на воспитно-образовниот процес преку почитувањето на правилата за однесување во училиштето.
Етичкиот кодекс на ООУ„ Кочо Рацин“ – Охрид ги содржи основните правила на однесување во училиштето што е предуслов за непречена и успешна работа. Правилата ќе бидат видливо истакнати во училишната зграда и на веб страната на училиштето, така што секој ќе има можност постојано да има увид во истите со цел училиштето да биде пријатно катче во кое постојано ќе се развива успешна соработка меѓу наставниците, стручните соработници, учениците, родителите и другите вработени.
- Правила на однесување на наставникот и стручниот соработник
Наставникот и стручниот соработник треба да ги почитуваат стандардите за професионално однесување. Во својата професионална работа наставникот и стручниот соработник се обврзуваат да:
- jа вршат својата професија совесно и одговорно;
- образованието и воспитанието на учениците да биде императив во нивната професионална работа;
- не смеат да прават дискриминација заснована на пол, раса, социјално и национално потекло, попреченост, религија и верско убедување, имотна и општествена состојба;
- ја почитуваат личноста на ученикот, родителот/старател, колегите и соработниците.
- Професионалниот лик на наставникот и стручниот соработник
Наставникот односно стручниот соработник треба:
- да биде стручен за работата што ја врши и да има визија за неа;
- да се ангажира за квалитетно и ефикасно планирање и реализирање на наставата;
- да ги почитува законските одредби и одлуките на органите во училиштето;
- да внимава на својот говор којшто треба да е литературен и јасен;
- да има соодветни етичко-морални и естетски квалитети и да внимава на својот морален лик;
- со своето однесување, изглед и естетски навики да биде пример за учениците;
- личниот изглед на наставникот / стручниот соработник треба да биде во согласност со професијата што ја врши исполнувајќи соодветно ниво на култура и сериозност. Облеката треба да биде чиста, уредна и пристојна. Забрането е носење облека која непримерно открива делови од телото, како кратки здолништа (над колена), кратки маици и кратки пантолони. Да не се носи премногу накит бидејќи негативно влијае на вниманието на учениците. Исто така тетоважи и пирсинг не смеат да бидат видливи;
- да не користи мобилен телефон за времетраењето на часот (праќање пораки, напуштање на часот за користење на мобилен телефон);
- да се грижи за целиот училиштен простор и имот, посебно за кабинетот и училницата во кои држи настава;
- да не ја злоупотребува својата образовна работа за лична корист, при што не смее да прифаќа подароци, бесплатни услуги или награди кои можат да ги доведат во прашање неговата автономност, професионалност и достоинство;
- да не го користи училишниот интернет за приватни и ненаставни активности;
- постојано да работи на свое стручно усовршување и напредување;
- да се ангажира во проекти во и надвор од училиштето.
- Наставникот треба совесно да ја врши својата работа согласно законските одредби;
- Секој наставник е должен редовно да доаѓа на настава 30 минути пред почеток на наставата и навреме да го започне часот;
- Наставникот е должен редовно да одржува настава според планираниот распореди навремено да го најави своето отсуство;
- Да е подготвен за часот (подготовката да е достапна во печатена или електронска форма на стручната служба);
- Редовно да евидентира часови во и отсутни ученици во е-дневник;
- Да нема пореметувања на часот со несоодветни разговори надвор од воспитно-образовниот процес.
- Наставникот/стручниот соработник и ученикот
Наставникот / стручниот соработник кон учениците гради однос на меѓусебна доверба и почит и тоа:
- ја почитува личноста на секој ученик;
- се однесува подеднакво кон сите ученици без оглед на пол, раса, социјално и национално потекло, попреченост, религија и верско убедување, имотна и општествена состојба;
- ја поттикнува самостојноста и креативноста кај ученикот преку употреба на современи методи и активна настава;
- наставникот применува објективно оценување на ученикот со изградени критериуми и навремено информирање за степенот на усвоени знаења;
- не смее да омаловажува, навредува, психички или телесно да малтретира ученик;
- не смее да пројавува агресивност, нетолерантност, желба за доминација, заканување, заплашување, уценување, апатичност и депресивност;
- избира и води воннаставни активности соодветни на учениците преку кои ќе овозможи учениците да ги задоволат своите интереси и да го развиваат својот талент;
- должен е да им помага на учениците со потешкотии во совладувањето на наставата;
- настојува учениците пристојно и дисциплинирано да се однесуваат;
- на секој вид девијантно однесување реагира со укажување и соодветно постапување;
- должен е да го сослуша проблемот на секој ученик и да помогне во негово решавање (доколку има потреба да го упати на разговор во стручна служба);
- во работата со учениците не смее да ги искажува своите политички уверувања;
- да се бори против причинителите на болести од зависност и други негативни појави (дрога, алкохол, пушење…);
- со ученикот гради однос на меѓусебно почитување, разбирање и соработка.
- Наставникот / стручниот соработник и родителот
Наставникот, односно стручниот работник треба да биде во постојана комуникација со родителите / стрателите на учениците настојувајќи меѓусебната соработка да биде што поефикасна, непосредна и притоа:
- навреме и објективно ги информира родителите / старателите за односот на ученикот кон воспитно-образовниот процес;
- бара соработка и ангажман од страна на родителите / старателите потикнувајќи го нивниот интерес во решавање на проблемите на учениците;
- постапува со потполна дискреција за прашањата од личниот и семејниот живот;
- со целосно внимание и одговорност се однесува кон оние родители кои не пројавуваат нужен интерес за соработка и недоволно се грижат за однесувањето на своите деца;
- ги почитува аргументите на родителите;
- упатува на помош од компетентни лица и установи кога не е во состојба да помогне.
- Меѓусебен однос на нaставниците и стручните соработници
Со цел да се постигне поефикасен воспитно-образовен процес, како и во интерес на угледот и достоинството на професијата и училиштето, наставникот / стручниот соработник е должен да се грижи и да придонесува за градење и развивање на позитивни професионално коректни односи со своите колеги и тоа:
- должен е да го почитува секој свој колега врз принципот на искреност и отвореност со што се обезбедува услов за конструктивна работа;
- меѓусебната соработка да ја темели врз заемно договарање, разменување на искуство, одлучност и совесност, како и ефикасно извршување на договорените задачи;
- да ја цени стручноста и достоинството на своите колеги и да се воздржува од озборување и изнесување наслабостите;
- во личен разговор или стручен состанок добронамерно и без тендициозност да укажува на слабостите на своите колеги со што го штити угледот на професијата и на училиштето;
- ги почитува и спроведува ставовите и одлуките на мнозинството изградени врз слободна и јавна расправа;
- солидарен е со својот колега особено кога станува збор за решавање на социјални и здравствени проблеми;
- им помага на младите колеги со пренесување на своето педагошко и стручно искуство и знаење.
- Наставникот, односно стручниот соработник и училиштето
Наставникот / стручниот соработник додека се наоѓа во училиштето е на должност цело време и при тоа се обврзува:
- да го почитува работното време и траењето на наставниот час;
- наставникот / стручниот соработник треба активно да учествува во реализацијата на сите планирани активности на стручните органи и тела на училиштето;
- да се грижи за целиот училиштен простор и имот, посебно за училницата во која наставникот изведува настава;
- дежурниот наставник ја организира работната дисциплина во училиштето за непречено реализирање на наставата;
- наставникот има обврска навремено да ја информира стручната служба во училиштето за секое несоодветно однесување на учениците во училиштето и училишниот двор;
- да ги почитува и да се придржува на правилата од куќниот ред на училиштето.
- Наставникот односно стручниот соработник и општествената заедница
Во соверемените демократски времиња наставникот, односно стручниот работник се раководи исклучиво од законските определби при што:
- се придржува кон меѓународните стандарди, договори и конвенции за слободите и правата на човекот, а особено Конвецијата на ООН за правата на детето;
- има право и должност да се залага и да се бори за достоинството и професијата просветен работник;
- се залага и се бори за достојна материјална положба на образовните институции со цел да се обезбеди нивно нормално фукционирање како основен услов за квалитетно организирање на едукативниот процес;
- се залага и се бори за соодветен материјален статус на професијата и наградувања на неговата работа што ќе му овозможи целосно да се просвети на квалитетно, стручно и одговорно извршување на неговите работни задачи.
- Правила за однесување на учениците
2.1 Ликот на ученикот
- ученикот е должен да се однесува пристојно и со почит кон другите ученици, наставно-воспитниот, раководниот, административниот и помошниот персонал во училиштето;
- ученикот треба совесно и навремено да ги извршува своите обврски;
- ученикот треба да биде објективен, коректен и одговорен во однесувањето;
- ученикот е должен да доаѓа во училиштето во пристојна, чиста облека и пристојна фризура, како и да води сметка за својата лична хигиена. Забрането е носење облека која непримерно открива делови од телото, како кратки здолништа (над колена), кратки маици и кратки пантолони;
- ученикот треба давнимава на зборовите со кои се обраќа на другите, односно да го одбегнува недоличниот стил на комуницирање, да не користи непристоен и навредлив говор како во директна комуникација така и на сите социјални мрежи и електронски уреди;
- ученикот треба да се стреми кон постигнување на подобри резултати во наставата;
- ученикот треба да се ангажира во воннаставните активности согласно своите интереси и можности;
- ученикот треба да се изградува како зрела личност, како би имал углед во училишната заедница и пошироко, преферирајќи особини како што се: другарство, разбирање, комуникација, толерантност, хуманост, одговорност;
- да развиваа позитивни карактеристики како што е учтивост, чесност, самокритичност, искреност;
- ученикот треба да ги почитува законските одредби во училиштето.
- ученикот треба да ја почитува личноста на сите вработени во училиштето и коректно да се однесува кон нив;
- на ученикот не му е дозволена дискриминација заснована на пол, раса, национална припадност, социјално потекло, верско убедување и злоупотреба на половите разлики;
- ученикот треба да има одговорен однос кон училишниот инвентар и другите материјални добра;
- ученикот ке ја надомести секоја направена штета во училиштето, а ќе се примени и педагошка мерка. Доколку сторителот не се открие, штетата ќе ја надоместат сите ученици во паралелката;
- ученикот е должен да го чува редот, дисциплината и хигиената во училишните простории и училишниот двор, отпадоците да ги фрла во корпите за отпад поставени во училишната зграда и училишниот двор;
- ученикот учествува во уредувањето на училниците, ходниците и училишниот двор;
- ученикот треба да го чува и да не го уништува зеленилото во училишниот двор и во ходниците;
- ученикот треба да го почитува куќниот ред на училиштето.
- ученикот треба да пројавува интерес за стекнување знаења и да развива способност и навика за учење;
- ученикот треба континуирано и одговорно да ги исполнува училишните обврски;
- да верува во своите способности и со упорност, решителност и принципиелност да ги остварува поставените цели;
- во учењето да прифаќа примена на нови наставни технологии и да ги користи
наставните средства и помагала што му стојат на располагање;
- ученикот треба да стекнува вештини за лична ефикасност и надоградување, како и планирање и организирање на времето.
- Ученикот и наставниот час
- ученикот е должен редовно и навреме да доаѓа на настава, 15 минути пред почетокот на часовите;
- ученикот треба да го почитува времето на почеток на часовите според распоредот на ѕвонење;
- доцнењето на час задолжително се евидентира и санкционира;
- ученикот треба навреме да го оправда своето отсуство од настава со медицинска белешка или оправдание од родител во писмена форма;
- ученикот треба да биде подготвен, внимателен и активно да се ангажира на часот;
- ученикот треба да придонесе за создавање позитивна атмосфера на часот;
- не треба да го прекинува наставникот во текот на предавањето со прашања кои не се во котекст на наставната содржина;
- ученикот не треба да го злоупотребува носењето на мобилните телефони, во спротивно ќе бидат преземени мерки.За време на часовите задолжително телефоните треба да бидат исклучени и оставени на соодветно место во училницата/кабинетот;
- ученикот треба по завршување на часот да ја остави училницата уредна, без отпадоци и да провери да не заборавил нешто;
- ученикот за време на наставата не треба да носи со себе вредни предмети (техничка опрема, накит, поголема сума пари и сл.) бидеќи за губење на истите училиштето не сноси одговорност;
- за време на малите одмори ученикот не треба да ја напушта училишната зграда без посебна потреба;
- не треба да се напушта училишниот двор за време на големиот одмор и други прекини на наставата;
- дежурниот ученик треба совесно и навремено да ги извршува своите обврски;
- дежурниот ученик е одговорен за редот, дисциплината, хигиената и обезбедува непречена реализација на наставата (чиста табла, сунѓер, креди), ги пријавува отсутните ученици и други појави во училницата.
- Меѓусебен однос на учениците
- ученикот треба да ги почитува сите ученици од училиштето и да соработува со нив;
- ученикот треба да биде толерантен, да биде искрен, да им помага на другите и да гради другарски односи;
- ученикот треба да го кажува своето мислење, но и да го сослуша и почитува мислењето на соученикот;
- ученикот не треба да применува социјална ексклузија, одвојување на ученик или недружење, игнорирање и неприфаќање врз основа на било каква различност;
- ученикот не треба да потпаѓа под негативно влијание на ученици или групи со неадекватно однесување;
- ученикот не треба да покажува толеранција кон недисциплинираните ученици и не треба да биде солидарен со нив;
- за повикување недисциплинирани ученици и групи од други училишта се изрекуваат педагошки мерки;
- ученикот треба да избегнуваат конфликтни ситуации и агресивно однесување;
- ученикот е должен навремено да извести за потенцијалните конфликти помеѓу поединци и групи во училиштето и надвор од него.
- ученикот треба веднаш да пријави кај дежурен наставник доколку забележи предмети со непозната содржина оставени во училиштето или училишниот двор;
- ученикот не смее да комуницира со непознати лица во училишната зграда и училишниот двор;
- најстрого се забранува внесување на потенцијално опасни предмети, алкохол, цигари и наркотични средства, како и нивно користење во просториите на училиштето;
- ученикот не смее без одобрение на наставникот да го напушти часот и да се задржува во санитарните простории и ходниците.
- ученикот треба редовно да ги информира своите родители за постигнатите успеси и неуспеси;
- ученикот треба навремено да го извести родителот за сите активности на релација училиште-ученик-наставник.
- Ученикот и стручната служба во училиштето
- ученикот има право да побара помош од директорот, наставниците и стручните соработници;
- ученикот е должен навремено да го пријави секој проблем кај дежурните наставници, одделенски раководители или стручната служба;
- доколку ученикот свесно не ги почитува правилата кон него ќе се превземат соодветни педагошки мерки.
- Правила за однесување на родителите
Родителот/старателот е должен:
- да ја почитува целокупната работа на училиштето и со почит и коректност да се однесува кон наставниците, вработените, учениците и останатите родители;
- соработува со одделенскиот раководител, сите наставници и останатите вработени придонесувајќи за напредокот на училиштето;
- активно да се вклучи во воспитанието на ученикот и градењето на позитивна личност;
- да му овозможи најдобри можни услови за учење на својот ученик;
- да се грижи ученикот редовно и навреме да ја посетува наставата и воннаставните активности;
- да придонесува за правилен однос на ученикот кон учењето, училиштето, училишниот имот и учебниците. Родителот треба да му помага на ученикот при домашните задачи, но не и да ги пишува наместо ученикот;
- редовно да се информира за успехот, постигањата и дисциплината на своето дете на родителските средби или индивидуални средби со наставникот;
- да го почитува времето одредено за прием кај наставникот;
- да го почитува следниот редослед на комуникација по хиерархија: одделенски раководител, предметниот наставник, стручната служба на училиштето и на крајот директорот;
- да не злоупотребува пријателски и роднински врски и да се воздржи од активности кои неоправдано би го довеле својот ученик во повластена положба при оценувањето во однос на другите ученици;
- да не се вклучува во конфликти со други ученици, да не се обраќа на други ученици со прекори, укажувања и слично;
- активно да учествува во Советот на родители на училиштето и Училишниот одбор и да дава совети, предлози и идеи на училиштето за активности во склоп на воспитно-образовната работа;
- има обврска да го најави и оправда отсуството на ученикот со медицинска потврда, потврда од организаторите на натпревари или манифестации;
- да ги надоместува навреме финансиските обврски за екскурзии, списанија и слично;
- да соработува со стручната служба во случај на конфликти или педагошки мерки;
- при воочување на проблем, проблемот се решава со меѓусебна соработка меѓу родителот / старателот и училиштето и треба да се избегнува префрлање на одговорноста од едни на други;
- да соработува со училиштето, пополнува прашалници, анкети и слично;
- активно да се вклучи во училишни активности, работилници, хуманитарни и добротворни акции иницирани од страна на училиштето според своите можности, ресурси, убедување и слично.
- да не го блокира влезот во училиштето со своето возило и да не влегува со возилото во училишниот двор;
- родителот/ старателот треба да ги следиизвестувањата на веб страната на училиштето за да бидат во тек со случувањата во училиштето;
- при испишување на ученикот задолжително е присуство на двајцата родители, односно заедничка согласност.
- Правила на однесување на другите вработени во училиштето
Административниот и техничкиот персонал треба:
- да го почитува куќниот ред на училиштето;
- да ги почитува и соработува со наставниците, стручните соработници и директорот и да се однесува во склад со потребите на наставата;
- да доаѓа навреме на работното место;
- совесно и одговорно да ја извршува својата работа;
- да го почитува времетраењето на паузата;
- да остварува коректна комуникација со останатите вработени без вербални напади или навреди;
- не треба да дискриминира друг вработен или ученик по вера, раса, возраст, пол или економски статус, ниту пак да влегува во било каков вид на конфликт;
- со својот лик, однесување, говор и култура треба да биде пример за учениците и вработените во училиштето.
- Завршни одредби
- Секој наставник, стручен соработник, ученик и родител се обврзува да го почитува и спроведува овој Етички кодекс;
- Правилата на однесување наведени во овој Етички кодекс може да се дополнуваат и прошируваат;
- За непочитување и непридржување на Етичкиот кодекс одговорен е прекршителот лично.
Претседател на УО на ООУ„Кочо Рацин“- Охрид
Наде Митановска
_____________________