Патронат

НИЗ СТРАНИЦИТЕ НА УЧИЛИШНИОТ ВЕСНИК

Низ страниците на нашиот весник погледнете ги:

  • успесите на учениците и нивните ментори;
  • награден литературен и ликовен конкурс по повод патрониот празник на училиштето;
  • првенец на генерација и пофалени ученици;
  • наставни и воннаставни активности;
  • проекти, соработки!


ВО ЧЕСТ НА НАШИОТ ПАТРОН РАЦИН

Со химната на Македонија и химната за Рацин се започна одбележувањето на патрониот празник на нашето училиште кое го носи името на револуционерот и поет, Коста Апостолов Солев Рацин.

И по 85 години од Рациновата „Бели мугри“, пред нашите очи како да се нижат бледите и испиени лица на тутуноберачите, како да одѕвонуваат по калдрмата наланите на несреќната Ленка, во росните мугри како да се влечат по полињата премалените редови на аргатите…Но делото на Рацин во себе ја носи и визијата за мугрите, за зората,  карпата со крв измиена, за победата над темнината – силно светнатиот ден!

И по 81 година од неговата смрт, неговото дело и живот оставија трајни отпечатоци во македонската историја и култура, и неговиот дух продолжува да живее во срцата на сите нас. Рациновите зборови и дела остануваат бесмртни, а неговото наследство е вечен пламен што го осветлува патот за генерациите што доаѓаат. Неговата посветеност на борбата за национално ослободување и социјална правда е пример за сите нас.

Директорката Славица Котеска се обрати и ги додели наградите од конкурсот на тема „Рацин е Македонија“, како и на учениците и менторите кои добија награди на државни натпревари, а потоа се прогласи и првенецот на генерација и пофалените ученици.

Рециталот „Македонија е Рацин“ со ученици од IX одделение од централното училиште ја оправда мислата на Конески дека Рацин е кратенка за името на сите нас, а потоа училишниот бенд ја изведе песната „Заветна“.

Потоа петтоодделенците од централното училиште настапија со ритмичка игра, а ученичката Михаела Петкоска од трето одделение настапи со својата сестричка Дариа со песната „Две сестрички, две ѕвездички“ од Распеано рибарче.

Потоа преку музичко-рецитаторски дел „Моја Македонија“ настапија петтоодделенците и ученици од предметна настава од подрачното училиште, а на крајот училишниот бенд ја изведе песната „Под ова знаме наспроти Навивачка“.

Со гордост и почит се сеќаваме на животот и делото на Кочо Рацин. Неговата поезија и револуционерна дејност се светлина што ни го покажува патот кон подобра и поправедна Македонија. Нека ни биде потсетник дека борбата за слобода и правда никогаш не е залудна и дека секој од нас има улога во градењето поубава иднина.

Вечно нека се слави името Рациново!