Нашите осмоодделенци на едукативна прошетка во Струга

Во рамки на воннаставните активности, учениците од осмо одделение  ги посетија НУ Музеј „Д-р Никола Незлобински“ во Струга и Спомен-домот на браќата Миладиновци.

Музејот, основан од рускиот лекар и природонаучник д-р Никола Незлобински, претставува уникатен презентер на природното и културно наследство за регионот на Охридското Езеро. Учениците имаа ретка можност одблиску да се запознаат со богатата природно-научна музејска збирка. Видоа различни видови инсекти, водоземци и влечуги, риби кои живеат во Охридското Езеро, голем број различни птици како и цицачи карактеристични за нашиот крај, преставници од сите животински групи како и дел од ботаничкиот материјал. Во изложбата се еволутивно презентирани експонати од сите животински категории од најпримитивните форми до цицачите.

Преку непосреден увид во експонатите, учениците го проширија своето знаење по природни науки и биологија. Истовремено, научија за значењето на зачувување на биодиверзитетот и улогата на музеите во заштита на природното наследство.

Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга, со автентична архитектура од крајот на 19 век, е посветен на животот и делото на двајцата значајни македонски преродбеници – Димитар и Константин Миладинов.

Слушајќи ја Константиновата песна „Т‘га за југ“, учениците имаа можност да ја почувствуваат атмосферата од времето на македонското национално будење и да се запознаат подетално со животот и делото на браќата Миладинов.

Кустосот им ја претстави нивната значајна улога како преродбеници кои оставиле силен белег во македонската култура и национален идентитет а  стекнаа и увид во историските и културните контексти во кои браќата твореле и живееле.

Посетите овозможија поврзување на наставните содржини со реални примери, што придонесе за подлабоко разбирање, почит кон културното и природното богатство, зголемена љубопитност и развивање на истражувачки дух кај учениците.

Музеите се вистински училници на отворено.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *