Патронен празник на училиштето – во знакот на ЉУБОВТА!

Делото на Кочо Рацин во себе ја носи визијата за мугрите, за зората, за победата над темнината – за силно светнатиот ден! И по многу години од неговата смрт, неговиот живот и творештво оставија длабоки и трајни отпечатоци во македонската историја, литература и култура. Неговиот дух продолжува да живее во сите нас – низ зборот, низ борбата, низ љубовта кон правдата, слободата и човештвото.

Со голема почит и гордост му оддаваме чест на човекот чиешто наследство е вечен пламен што го осветлува патот за идните генерации. Рацин е потсетник дека љубовта кон народот, татковината и вистината никогаш не згаснува. Неговата посветеност на националното ослободување и социјалната правда ни покажува дека секој од нас има улога во градењето подобро утре.

Оваа година, нашиот патронен празник го посветивме на најголемата и највисоката човечка вредност – ЉУБОВТА. Универзална, чиста и исконска – љубовта што нѐ поврзува, што нè поттикнува да бидеме подобри, што го движи светот. Љубовта кон семејството, пријателите, училиштето, знаењето, уметноста и животот во целост беше темата која инспирираше креативни изрази, искрени емоции и уметнички доживувања.

Низ музички точки, драмски изведби и рецитали, нашите ученици и наставници на креативен и емотивен начин ја искажаа својата почит кон љубовта како темел на човечките односи и вредности.

Посебна чест ни беше да го прогласиме првенецот на генерацијата – Теона Шиникоска, млада и исклучително талентирана ученичка, чиј труд, упорност и љубов кон знаењето се пример за сите ученици.

Со исто толку гордост им честитаме и на нашите пофалени ученици:

Изабела Томановска,

Цане Јаневски и

Јована Војдиноска,

за нивната извонредна ангажираност, учество во проекти, натпревари и придонес кон развојот на училиштето.

Ова е ден кога славиме трудољубивост, амбиција, извонредност и заедништво.

Им благодариме на сите – ученици, наставници, родители и соработници – што бевте дел од ова свечено одбележување и што заедно ја прославивме најубавата и најмоќната сила – ЉУБОВТА!

 Нека ни биде водилка и потсетник дека љубовта е темелот на сè што вреди.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *