Денес, во нашето училиште се одбележаа Еразмус деновите со активности за дигитални алатки и превенција од насилство.
Активностите кои се реализираа беа посветени на примената на дигиталните алатки во образованието, безбедноста на интернет и превенцијата од врсничкото и сајбер-насилството.
Учениците преку игри на тема сајбер-насилство откриваа начини за препознавање на насилството во дигиталниот простор и за важноста на безбедното и одговорното користење на интернетот.
Креативноста на учениците се изрази преку изработката на метарски постери со пораки против насилството, со кои испратија силни пораки за почитување, емпатија, прифаќање на различностите и создавање училишна средина во која секое дете се чувствува безбедно и прифатено.
Преку презентација на тема „ВИ алатки во наставата“, беа претставени можностите за примена на вештачката интелигенција за осовременување и унапредување на наставниот процес.
Како дел од активностите беше одржана и презентација пред присутните родители и гости, на која беа претставени дигитални флаери наменети за учениците, родителите и наставниците, со практични информации и насоки за навремено препознавање на знаците на насилство, вклучувајќи го и сајбер-насилството, како и за соодветно реагирање и спречување на неговото појавување. Истите се поставени и не веб страната на училиштето на следниот линк.
Одбележувањето на Еразмус деновите уште еднаш ја потврди клучната улога на Еразмус+ програмата во модернизацијата на образовниот процес и зајакнувањето на училишната заедница. Ваквите проекти овозможуваат континуиран професионален развој на наставниците, внесување иновативни ИКТ и ВИ алатки во наставата, како и градење силни партнерства со родителите. Најважно од сè, преку ваквите активности директно влијаеме врз превенцијата од врсничкото и сајбер-насилството, поттикнувајќи инклузија, толеранција и одговорно дигитално граѓанство кај младите.












Leave a Reply