Соработка со Црвен Крст

Успешната соработка со Црвен Крст која ја негуваме низ долги години продолжува и оваа учебна година со работилницата на тема “Развивање свест за сексуалното здравје и превенција од болести и заболувања” која пред учениците од деветтите одделенија во нашето училиште ја реализираа волонтери од општинската организација на Црвениот Крст во соработка со одделенските раководители на деветтите одделенија како дел од работилниците во рамките на одделенскиот час.

Работилницата се фокусираше на две главни теми: сексуално здравје и превенција од болести. Преку интерактивни активности и дискусии, учениците беа информирани за важни аспекти на овие теми.

Тема: Сексуално здравје 

Знаења:

  • Учениците ги научија основните телесни и физиолошки промени кои настануваат при сексуално созревање.
  • Беа информирани за различните контрацептивни средства.
  • Се запознаа со последиците од сексуалното општење, како и со важноста на заштита.
  • Јасно им беше објаснето што е сексуална злоупотреба, како да се спротивстават и каде да побараат помош.
  • Се зборуваше за различни сексуални ориентации и за почитувањето на различностите.

Вештини:

  • Учениците научија како правилно да користат кондом.
  • Развија вештини за препознавање и спротивставување на сексуално вознемирување.

Ставови/Вредности:

  • Ја прифатија сексуалноста како природен дел од човечкиот развој.
  • Се свестија дека сексуалното вознемирување и сексуалната злоупотреба се кривични дела.

Тема: Превенција од болести и заболувања 

Знаења:

  • Се дискутираше за последиците од полово преносливите болести (ППБ).
  • Им беше објаснето кои соодветни постапки можат да превенираат ширење на ППБ.
  • Разбраа разликата помеѓу ХИВ и СИДА, начинот на ширење на ХИВ и развојот на СИДА.
  • Дознаа за мерките со кои може да се превенира ширењето на ХИВ и СИДА.

Вештини:

  • Научија како да препознаат ризични услови за ширење на сексуално преносливи болести.
  • Развија вештини за заштита од сексуално преносливи болести.

Ставови/Вредности:

  • Учениците прифатија лична одговорност за сопствена заштита од заболувања.
  • Се освестија дека заболените не треба да бидат етикетирани и дека е важно да се прифати нивната состојба без предрасуди.

Оваа работилница успешно го подигна нивото на свест кај учениците за сексуалното здравје и важноста на превенцијата од болести, градејќи одговорност и почит кон себе и другите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *